Оди на содржината

Архимандрит Георгиј (Капсанис): Распнатиот и воскреснатиот Господ – Единствена вистина

12 Април 2010

Архиепископот охридски г.г. Јован со Архимандритот г. Георгиј, на Света Гора, 2008 год.

Кога заради нас и нашето спасение Господ одеше на доброволно Страдание, беше одведен пред Пилата на сослушување и конечно потврдување на смртната казна, на којашто го осуди еврејскиот Синедрион.

Пилат, човек со филосовски интереси, кога слушна од Господа дека неговото Царство не е од овој свет, и дека дошол за да ја сведочи „вистината“, всушност, да ја објави вистината, го праша: „Што е вистина?“ (Јн. 17, 38). Не го дочека одговорот, затоа што очигледно знаел дека ниту еден философ не би можел да даде задоволителен одговор. Дотолку повеќе, што таков одговор не би можел да очекува од еден Евреин, римски затвореник, когошто и неговите сонародници го беа осудиле на смртна казна. Меѓутоа, Исус, и покрај тоа што на своите Апостоли повеќепати им говореше дека му носи Вистина на светот, сепак не му одговори на Пилат. Пилат не доби одговор затоа што не го постави прашањето точно. Доколку би прашал, не „што е вистина“, туку „Кој е Вистина“, би го добил точниот одговор: „Јас сум Вистина“ (Јн. 14,6).

О. Софрониј Есеκски пишува: Науката и философијата си поставуваат самите на себе прашање „што е вистина“, додека чистата христијанска совест и се обраќа на вистината прашувајќи „Кој“. Претставниците на науката и философијата многу често ги сметаат Христијаните за идеалисти (романтичари) без длабина, додека за себе имаат мислење како да чекорат по цврста подлога та затоа и се нарекуваат себеси „позитивисти“. На чуден начин не сфаќајќи ја апстрактната природа, која го содржи нивното „што“. Не сфаќајќи дека Вистината, одредена, безусловна, може да биде само „кој“, и во ниту еден случај „што“. Затоа Вистината не е еден теориски тип, или некоја апстрактна идеја, туку Самиот живот — „Јас Сум“ (Јн. 7,58). (Св. Силуан Атонски)

Навистина, Господ не се вочовечи за да изложи еден нов философски предлог за вистината, или можеби еден нов морален кодекс, или, помеѓу останатите, една нова религија, тука на светот да му ја донесе овоплотената Вистина — Самиот Себе си. Оттогаш за Христијаните Вистината е Христос. Според св. Јован Богослов и евангелист: „Зашто Законот се даде преку Мојсеја, а благодатта и вистината постанаа преку Исуса Христа“ (Јн. 1,17).

И бивајќи Вистина, Христос ослободува од незнаењето и гревот, и го спасува човека: „познајте ја Вистината, и Вистината ќе Ве ослободи“ (Јн. 7,32). Постојат многу сфаќања за вистината, но само Еден е Вистина.

Овој Христос — (Кој е) Вистината Го пророкуваа Пророците, Го проповедаа Апостолите, Го исповедаа Мачениците, Го богословствуваа Отците. Овој Христос е „Светлост од светлост, Бог вистинит од Бога вистинит, едносуштен со Отца“. Овој Христос на крајот се понижи (истошти) Себе си и божествената природа нераздвојно ја спои со човечката во Неговата Ипостас, во едната Негова Личност, во Личноста на Логосот. Овој Христос е Вистина, зашто со Својата смрт ја победи нашата смрт, и со своето Воскресение ни дарува живот вечен. Овој Христос — Вистина не можеме да го поистоветиме со „вистините“ на другите религии и вери. Христос е Сиот Вистина. Он не е половична Вистина којашто би требало да ја надополнуваме со други вистини.

Имајќи ваква вера, и великиот Достоевски напиша: „Верувам дека Христос е Вистина, но, дури и некој да ме увери дека Христос не е Вистина, јас побрзо би сакал да сум со Христа одошто со вистината“. Достоевски и сите ние верни Христијани навистина даваме предност, и веруваме во личносната и овоплотена Вистина, а не во некои безлични вистини, идеи.

Во Русија, во времето на агресивниот атеизам, некој партиски активист се обидел преку едно „научно“ предавање да ги убеди слушателите дека Воскресението Христово е само мит. Си помислил дека сите поверувале. Кога запрашал дали има некој којшто би сакал нешто да каже, збор побарал некој побожен Русин, изговорувајќи само два збора: „Христос Воскресе!“ Сите присутни громогласно возгласиле: „Навистина Воскресе!“. Овоплотената Вистина, Христос, ги победи „вистините“ на овој свет.

Оние кои го распнаа Господа се обидоа да го сокријат чинот на Воскресението, клеветејќи ги Неговите ученици дека го украле Господа од Гробот. Меѓутоа, не ни објаснија, како овие според нив ученици — измамници, му го проповедаа Распнатиот и Воскреснатиот Господ на целиот свет, и од љубов кон Него трпеа прогонства, мачеништва и сурова смрт.

Историјата се повторува. Современите „распнувачи“ на Господа и сега го клеветат Воскреснатиот Господ. Се обидуваат да Го исмеваат користејќи го печатот, радиото, телевизијата, интернетот. Кружат ДВД- дискови со хули, лаги и недокажани осудувања кон Господа, кои преку големите дневни весници и списанија влегуваат во секој дом за да ги расколебаат и малите и големите во нивната вера, со оглед на тоа дека не постои можност да слушнат и друго мислење.

На истата цел му служи и нововременото, серелигиско движење на синкретичкиот Екуменизам, кој се обидува да го изедначи Богочовекот Господ и нашата света православна вера со другите религии и вероисповеди.

Еретиците биле страшни непријатели на Црквата. Најстрашен од сите е синкретизмот, т. е. мешањето и спојувањето на сите вери. Тој ги обезвреднува, минимизира, поткопува, но не само некои од догматите, туку, целата Вистина, Богочовекот Господ, та преку наметнувањето насила од страна на моќниците на овој свет да го отвори патот кон серелигијата на новото време.

Нашиот одговор на оваа сеопшта војна против Вистината — Христос, треба да биде нашето отворено исповедање дека само Христос е единствената Вистина и оттука Спасителот на светот, и дека единствено Православната Црква е вистинска, апостолска, без извитоперување во непрекинливоста на Едната, Света, Соборна Црква на пророците, апостолите и отците.

Ја исповедаме нашата вера, па макар заради ова исповедање да поднесеме, сега или во иднина, посилна општествена изолација.

Време е на сведоштво и страдања заради исповедање на Распнатиот и Воскреснатиот Христос, Вистината и Спасението наше.

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

No comments yet

Напишете коментар